Bible

Create

Inspiring Presentations Without Hassle

Try Risen Media.io Today!

Click Here

2 Corinthians 7

:
Macedonian - 1990
1 И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секаква скверност на телото и на духот, па да твориме дела свети и со страв Божји.
2 Примете нѐ во срцата ваши: никому не направивме лошо; никого не упропастивме, ниту, пак, некого искористивме.
3 Ова не го зборувам за осудување, оти пред малку реков дека сте во срцата наши, за да умреме и да живееме заедно.
4 Многу слободно зборувам кон вас, многу се фалам со вас; се исполнив со утеха, преизобилувам со радост покрај сите наши маки.
5 Оти, кога дојдовме во Македонија, никаков мир немаше телото наше; во сѐ бевме во маки; однадвор напади, одвнатре страв.
6 Но Бог, Кој ги утешува смирените, нѐ утеши со доаѓањето на Тит.
7 И не само со неговото доаѓање, но и со утехата, со која се беше утешил тој поради вас, прикажувајќи ни за вашиот копнеж, за вашиот плач, за вашата ревност кон мене, така што јас уште повеќе се зарадував.
8 Оти, ако сум ве и ожалостил со посланието, не се кајам, иако се каев; бидејќи гледам дека тоа послание ве ожалостило само за малку време.
9 Сега се радувам не затоа што се нажаливте, но дека се нажаливте за покајување, оти се наскрбивте по Бога, та никаква штета да не претрпите од нас.
10 Бидејќи скрбта по Бога предизвикува неопходно покајување за спасение, а световната мака доведува до смрт.
11 Зашто, ете, тоа што се нажаливте по Бога, каква усрдност предизвика во вас, какво извинување, какво негодување, каков страв, каков копнеж, каква ревност, каква одмазда! Со сѐ покажавте дека во тоа дело сте чисти.
12 И така, ако и ви напишав, тоа го направив не поради оскрбителот, ниту поради оскрбениот, туку за да стане позната нашата грижа за вас пред Бога.
13 Затоа се утешивме со вашата утеха, а уште повеќе се зарадувавме со радоста на Тит, затоа што сите вие сте му го успокоиле духот.
14 И затоа, што јас не се посрамив, кога со некои работи се пофалив за вас пред него; но, како што секогаш пред вас сме ја зборувале вистината, така и пофалбата пред Тит ни излезе вистинска.
15 Голема е неговата срдечна љубов кон вас, кога ќе се сети за послушноста на сите вас, како со трепет и страв сте го примиле.
16 И така, се радувам дека во сѐ можам да се поверам на вас.